Се санираат последиците од невремето во Куманово
Големи материјални штети по невремето и во Куманово. Половина од градот е без електрична енергија. Откорнати покриви на згради, домаќинства, уништени автомобили, поплавени подруми...

Паднати лимени покриви на згради, ќерамиди од куќи, над сто дрвја, уништени над 20 автомобили, електрични столбови, сообраќајна сигнализација, поплавени домови и подруми, е сликата по невремето во Куманово. Голем дел од градот е без електрична енергија. На терен мобилизирани сите екипи. На општинскиот број помош побарале над сто лица.
Екипите интервенираат, а граѓаните чекаат. Има и такви кои сами ги санираат штетите.
Кризниот штаб за заштита и спасување утринава на вонреден состанок.
„Од МВР што ја зедовме бројката имале 25 интервенции, најчесто 18 на паднати дрвја врз автомобили. Од ЕВН бројката не се знае. Имаат паднато нивни инсталации, далеководи, исечени кабли, искинати. Помали покриви на Ленонинова, доле кај Жмара дел од гаражи, Гоце Делчев делови од покрив“, истакна Емилија Сларидис Јаневска, секретар Општина Куманово.
„Најмногу штета од поголемите интервенции се на паднати кровни конструкции, лимови, ние вршевме сечење на помали парчиња. Имаме интервенции на расчистување на пат, заедно со екипи на чистота, сечевме дрвја, гранки. Имавме интервенција на заглавено лице во автомобил во текот на невремето од надојдена вода, како и интервенција на запалена куќа“, нагласи Борис Станковски, командир ТППЕ Куманово.
„Приоритет ни беа блокираните улици од паднатите дрвја, пешачките зони и тротоари сите места каде што се движат луѓето со цел да биде безбедно. Имаме паднато над сто дрвја, голема материјална штета настана. Сè уште имаме дрвја каде што не се тргнати и се чека увид од увидни органи, се чека ЕВН се работи за напонска струја“, дополни Сашо Томиќ, директор ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.
Граѓаните не помнат вакво невреме.
Невремето ја оштети и мобилната кујна на транзитниот центар Табановце. Штети има и во општините Старо Нагоричане и Липково.
Елена Георгиевска
