Блиски Исток

Пентагон: Американската воена операција во Иран досега чинела 37,5 милијарди долари

22.07.2026 18:06

Американската воена операција во Иран досега чини 37,5 милијарди долари, соопшти Пентагон. Претседателот Трамп изјави дека САД не завршиле со Иран, Техеран одговори со напади врз сојузниците на Вашингтон. Иранската армија го нападна американскиот команден центар во Кувајт, погодени цели и во Бахреин и Јордан.

САД ја интензивираат војната со Иран. 11 дена на удар е критичната инфраструктура, додека трошоците за воените операции досега ги чинела Американците 37,5 милијарди долари. Секретарот за одбрана Хегсет, од Сенатот побара итно дополнително финансирање за продолжување на операциите и обновување на потрошените воени резерви. Државниот секретар Марко Рубио, вели дека „Иран е во проблеми“, но вратата за преговори останува отворена.

„Иран е во многу проблеми. Немаат слободен печат, соочени се со хиперинфлација, високи трошоци за храна. Претрпеа огромна штета на нивната воена инфраструктура, но исто така поминаа 20 години трошејќи го секој денар што го имаат за спонзорирање на терористички групи и градење на нивните ракети и беспилотни летала. И ова што го гледате, што користат сега, што е значително намалено, е токму конвенционалниот штит зад кој ќе се криеја за да продолжат со нуклеарна програма и да го предизвикаат светот да направи нешто во врска со тоа“, вели Рубио.

Иранското Министерство за здравство тврди дека во најновите американски удари загинале 50 цивили, а околу 500 биле повредени. Техеран одново објави пропагандно видео од напади врз цели во соседните земји, сојузници на Вашингтон. Кувајт, Бахреин и Јордан јавија за пресретнати ракети.

Исламската република упати директно предупредување до Бугарија поради најавеното привремено распоредување американски воени авиони-цистерни на нејзина територија, повикувајќи ја Софија да не дозволи земјата да стане база за операции против Иран. Бугарската влада соопшти дека ја отфрла практиката на сојузниците во НАТО и од бугарска територија е исклучено спроведувањето борбени операции на Блискиот Исток.

„Ги цениме нашите добри односи со Исламската Република Иран. И категорично е исклучено воените операции на Блискиот Исток да се спроведуваат од бугарска територија. Овие авиони-танкери се единствено и исклучиво за логистички мисии и полнење гориво од воздух, и само надвор од бугарскиот воздушен простор“, изјави бугарскиот премиер, Румен Радев.

Ескалацијата се проширува и кон Црвено Море. Јеменските Хути, најавија блокада на бродовите што превезуваат саудиска нафта. Можната блокада на Баб ел Мандеб би го загрозила главниот алтернативен пат за извоз на нафта од регионот во услови на нарушен сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Маријана Димовска