Се санираат последиците од големото невреме што направи пустош низ Македонија
Се санираат последиците од големото невреме што направи пустош низ Македонија. Ветрот имал јачина на ураган, соопшти УХМР. Над 30 граѓани се повредени. Предизвикана е голема материјална штета. Уништени се покриви на згради и болници, над 100 автомобили, настрадаа и државни институции – претседателската „Вила Водно“, објектот на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, министерствата за Финансии и Земјоделство, базенот во Борис Трајковски. Илјадници повици прими Центарот за управување со кризи. Скопје за само 20-ина минути остана без речиси 200 дрвја...

Ветер со ураганска јачина ја зафати земјава – во Скопје и во струмичко Ново Село достигнал брзина од 130 километри на час, во Штип 134. Овие оркански удари се ретка појава на нашето поднебје, но кога се случуваат предизвикуваат силни разорувања и штети и се опасност по безбедноста на граѓаните.
„Во штипскиот регион во 2012 година е забележана екстремната вредност, јачина на ветерот од 155 километри на час. Ова е екстремен случај не се случува често на нашата територија и сите ветрови што се класифицираат во оркански ветер се со јачина од 118 па нагоре километри на час“, изјави Јулијана Фиданоска Мишкоска – синоптичар во УХМР.
За 20-тина минути, ураганскиот ветер откорна речиси 200 дрвја, однесе 35 покриви на згради и болници, оштети стотина автомобили, а некои населени места останаа без струја. Оштетен и препознатливиот часовник кој го означува времето на катастрофалниот земјотрес. Граѓаните со кои разговаравме велат не паметат ваков силен ветер.
„Целиот кров се крена нагоре и падна од другата страна. Други згради исто немаат кровови. Овие руските се доста оштетени, имаат дупки“.
„Дрвото целосно се свитка. Не можам да опишам, во живот не сум видел такво нешто“.
„Само што дојдов дома, викам што е ова торнадо, летаа кровови“.
„Преголема штета се направи, јас сум 74 години не памтам вакво време, невреме“.
30–тина граѓани се здобија со повреди по силното невреме, најголем дел се со полесни. Во Ургентниот центар лекарска помош побарале 11 лица, во стара Градска 22. Поради сериозноста на повредите петмина се задржани на болничко лекување.
„Од тие 22-ца пациенти, двајца се на болничко лекување, другите се со полесни повреди. Од тие двајца еден пациент е веќе опериран со скршеница во пределот на шаката и има уште еден пациент којшто е странски државјанин повреден при пад на дрво во пределот на карлицата“, изјави д-р Небојша Настов – директор на Хируршките клиники „Свети Наум Охридски“.
Во Центарот за управување со кризи – повеќе од 11 илјади граѓани пријавиле штети. Активирани се кризните штабови во општините. Заседаваше и ЗЕЛС. Екипите на терен ги расчистуваат последиците од невремето.
„Апелираме до граѓаните да бидат особено внимателни при движење покрај оштетени дрвја, бандери и електрични кабли и сите опасности да ги пријават на 112 во ЦУК, а надлежните служби остануваат на терен да ги расчистат последиците“, изјави Надица Вчкова од Центар за управување со кризи.
Граѓаните кај кои ќе се констатираат штети ќе бидат обесштетени – велат од Владата.
„Станува збор за епско невреме. Навистина подготовката од нивна страна и мотивацијата беше голема, штетите ќе се констатираат и согласно закон, искуство и пракса од минатото ќе биде од страна на надлежните институциите сето тоа рефундирано“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Владата.
Штети има и на повеќе државни и јавни објекти – претседателскиот комплекс „Вила Водно“, обвинителства, министерствата за Финансии и Земјоделство, полициската станица Петровец, објектот Нова Македонија. Оштетен е и покривот на градската болница „8 Септември“, но установата и натаму работи со полн капацитет. Оштетен е и покривот на базенот „Борис Трајковски“.
Оштетени покриви, уништени возила и стотици откорнати дрвја – ова е сликата што зад себе ја остави силното невремето што го погоди Скопје. Додека надлежните ги проценуваат штетите, екипите на терен ги расчистуваат последиците.
Андријана Ѓурческа
