Кризна состојба

Бројот на нови случаи се намалува, епидемијата е под контрола

22.07.2026 18:42

Бројот на нови случаи во Гостивар се намалува. Ова, според здравствените власти е сигурен знак дека епидемијата ја држат под контрола. Сега фокусот е на ставањето на водоводот во функција – прво да има техничка вода, а потоа и вода за пиење. Заседаваше и управувачкиот комитет за кризи.

Во справувањето со епидемијата, со микробиолошката и вирусна состојба на пациентите од Гостивар, вклучена и Клиниката за инфективни болести, која има најширок панел на бактерии и вируси кои може да се детектираат. Досегашните резултати покажуваат дека пациентите со вирус и бактерии веднаш даваат клиничка слика.

Епидемиолошките анкети ќе дадат појасна слика за причинителот на епидемијата. Сомнежот е на загадената вода.

Кризната состојба во траење од 30 дена ќе помогне за полесно менаџирање на кризата.

Се одржа нов состанок на Главниот штаб за кризи. Водата и натаму не треба да се користи. Предложени се локации и контакт-лица за воспоставување пунктови за дотур на техничка вода за објектите од витално значење. И армијата ќе обезбеди две цистерни, а ќе помагаат и други општини со техничка вода. Вода за пиење се дистрибуира до граѓаните.

Наташа Јанчиќ – Менковски