ААВМУ

Молк за документите за спортските канали

22.07.2026 19:20

Одговорот нема да биде денеска. Ова го кажаа од агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на прашањето на јавниот сервис за пристап до документите за специјализираните спортски канали. МТВ во интерес на јавноста, продолжува да истражува дали функционираат легално

Молк од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги на последното од низата прашање на Македонската телевизија – дали агенцијата почитувајќи го јавниот интерес може да ни ги достави на увид документите за реемитување на програмата на „Арена М премиум“?

„Одговорот нема да биде денеска“ – соопштија од агенцијата преку телефонска порака на прашањето испратено преку интернет пошта од јавниот сервис.

Од агенцијата нема објаснување за истражувањето на Македонската телевизија за регистрацијата на специјализираните спортски канали во Арена М1, М2 и М3 Премиум кое покажа дека канали со вакви називи не постојат во програмските сервиси на Регулаторното тело за електронски медиуми во Србија, а ги нема ниту во официјалната база на податоци во Европската опсерваторија за медиуми која води евиденција за сите новоотворени и затворени канали во 40 земји од Европа.

На иницијалното прашање на јавниот сервис – дали станува збор за емитување или реемитување на наведените канали, доставениот одговор од ААВМУ беше: овие три програмски сервиси се реемитуваат од страна на операторите врз основа на склучен договор со „Арена спорт“ од Белград. Сите три програмски сервиси се официјално регистрирани во Република Србија“.

Врз основа на овој одговор, по нашата проверка повторно се наметнуваат прашањата – зошто во претходните одговори Агенцијата за медиуми тврдеше дека програмските сервиси со назив Арена М1, М2 И М3 Премиум се регистрирани во Република Србија кога тие на постојат во регистарот на телевизии на српското регулаторно тело? Сега се отвораат и прашањето – дали сега, откако Македонската телевизија изврши проверката за регистрација на трите специјализирани програмски сервиси и утврди дека тврдењето за регистрација во Србија не е точно, агенцијата ќе преземе чекори за конкретна проверка на легитимитетот на овие канали? Дали врз основа на одговорот на ААВМУ, дека според законот, програмските сервиси се регистрираат врз основа на пријава за регистрација поднесена од операторите? Кој проверува дали во пријавата од ААВМУ се вклучени програмски сервиси што не се лиценцирани, односно немаат дозвола за работа?

Одговорите на овие прашање се од круцијално значење за јавноста со оглед на тоа дека преку 95% од телевизискиот аудиториум програмските сервиси ги следи преку кабел, ИПТВ или сателит и за тоа издвојува пари од својот месечен буџет. Одговорите на овие прашања се од круцијален интерес и за домашните телевизии кои плаќаат големи износи за дозвола за работа и емитување во регионот, а се соочени со непринципиелна конкуренција.

Миле А. Ристески