Водата во Валандово не е безбедна за пиење, откриено зголемено ниво на арсен
Жителите на Валандово до понатамошно известување не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако лабораториските анализи покажале зголемено присуство на арсен.

Според информациите од ЈП „Комунален сервис“ - Валандово, анализите извршени од Институтот за јавно здравје - Скопје покажале дека водата во моментов не ги исполнува условите за безбедна употреба како вода за пиење.
Од претпријатието апелираат до граѓаните строго да ја почитуваат препораката и до добивањето на нови резултати да не ја консумираат водата од градскиот водовод. Таа засега може да се користи само за технички потреби.
Во меѓувреме, ЈП „Комунален сервис“, во соработка со надлежните здравствени институции, спроведува дополнителни анализи и контроли на повеќе точки од водоводната мрежа, со цел да се утврди причината за зголеменото ниво на арсен и да се потврди кога водата повторно ќе биде безбедна за пиење.
Надлежните најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана веднаш по добивањето на резултатите од новите анализи и по потврдата дека водата повторно е исправна за употреба.
