На „Тур де Франс“ уште еден велосипедист ја скрши клучната коска

22.07.2026 22:11

Германскиот велосипедист Флоријан Липовиц (25), кој минатата година го заврши „Тур де Франс“ на третото место, се здоби со скршеница на клучната коска.

Повредата беше потврдена по лекарските прегледи во болница, каде што веднаш беше пренесен по несреќата. Закрепнувањето се очекува да трае околу месец и половина. Тоа практично значи дека сезоната за Липовиц е завршена, бидејќи шансите да оствари добар резултат на Светското првенство во Монтреал, кое ќе се одржи од 20 до 27 септември, се минимални.

Еден ден пред Липовиц, и Данецот Јонас Вингегор, кој минатата година го освои второто место на „Тур де Франс“, беше принуден да се повлече од трката поради истата повреда - скршеница на клучната коска.

На пет дена до крајот на трката, актуелниот шампион, Словенецот Тадеј Погачар, е лидер во генералниот пласман со предност од 4 минути и 32 секунди пред најблискиот конкурент, Белгиецот Ремко Евенепул.