Култура

Вечерва на „Охридско лето“ концерт на Камерниот оркестар на НОБ

23.07.2026 09:29

Камерниот оркестар на Националната опера и балет вечерва ќе има концерт на програмата на 66. издание на Охридско лето. Македонските уметници ќе настапат во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.

Камерниот оркестар на Националната опера и балет е формиран во 2010 година и е составен од истакнати музичари и солисти на Оркестарот на НОБ, под уметничко водство на маестро Саша Николовски-Ѓумар, подоцна под диригентската палка на маестро Џанлука Мартиненги од Италија и маестра Бисера Чадловска.

Во своето постоење, Камерниот оркестар на НОБ има забележено гостувања во Виена, на Штад Фест Виен (Stad Fest Wien) во 2010 година, како дел од класичниот дел на фестивалот со настап на Михаелплац, „Скопско лето“, концерт во Пловдив, Бугарија, настап во престижната концертна сала Groser Ehrbar Saal во Виена и др. Како солисти со Камерниот оркестар на НОБ настапувале Елена Мисиркова Лоза – пијано, Илија Зимбов – флејта, Горјана Стојановска – пијано. Во својата програма, Камерниот оркестар на НОБ најчесто настапувал со дела од македонските автори како, Властимир Николовски, Благој Цанев, Гоце Коларовски, Драган Шуплевски, Дамир Имери, Ристо Аврамовски и др.