Блиски Исток

САД и Саудиска Арабија потпишаа договор за развој на цивилна нуклеарна програма

23.07.2026 10:23

Во екот на војната на Блискиот Исток, нова трка за вооружување во Персискиот залив. Вашингтон и Ријад потпишаа 30-годишен договор за развој на цивилна нуклеарна програма, но Саудиска Арабија, би можела да збогатува ураниум на сопствена територија. Администрацијата на Трамп уверува дека ќе бидат почитувани највисоките стандарди за безбедност и спречување на ширењето на нуклеарното оружје.

Нова трка за вооружување во Персискиот Залив и зголемен ризик од ширење на нуклеарно оружје на Блискиот Исток. Вашингтон и Ријад потпишаа историски 30 – годишен договор за развој на цивилна нуклеарна програма вреден милијарди долари. Новото поглавје во стратешкото партнерство е исклучиво за мирољубиви цели, но Саудиска Арабија, со помош на американски компании би можела да збогатува ураниум на сопствена територија.

„Револуционерниот аспект на овој договор е тоа што САД не бараат од Саудиска Арабија да се придржува до највисоките можни меѓународно мониторирани заштитни мерки кои се стандардни и се достапни денес. Наместо тоа, тие се подготвени барем теоретски да пренесат високо чувствителна технологија без истото ниво на надзор што би се очекувало“, изјави Алекс Болфрас, меѓународен институт за стратешки студии, Германија.

Аналитичари оценуваат дека Вашингтон го забрзал потпишувањето на договорот поради конкуренцијата од Русија и Кина, кои исто така настојуваат да ја прошират нуклеарната соработка со Саудиска Арабија. Администрацијата на Трамп уверува дека ќе бидат почитувани највисоките стандарди за безбедност и спречување на ширењето на нуклеарното оружје. Но, Израел не гледа така на работите.

„Збогатувањето на нуклеарен материјал на саудиска почва би можело да доведе до регионална трка во нуклеарно вооружување и опасно губење на контролата. Навистина не постои начин да се предвиди како ќе изгледа Блискиот Исток за една или две децении, поради што ни требаат помалку центрифуги, а не повеќе. Овој неуспех се приклучува на низа дипломатски неуспеси центрирани околу едно клучно прашање – Израел го губи влијанието врз сопствената судбина“, истакна Нафтали Бенет, поранешен премиер на Израел.

Нуклеарниот пакт доаѓа во време на ново заострување на состојбата на Блискиот Исток. 12 дена траат интензивните напади меѓу силите на Иран и САД, додека јеменските Хути, најавија поморска блокада против Саудиска Арабија. Вашингтон одново потенцира дека останува отворен за договор со Техеран.

„Тие се погодени толку силно. И тие сакаат да склучат договор. Но, јас велам дека тие не се подготвени, затоа што секој пат кога ќе склучат договор, тие сакаат да го променат. Не се подготвени, но ќе бидат многу наскоро“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.

Претставничкиот дом на САД одобри рекордни 1,15 трилиони долари за одбраната, во согласност со барањето на претседателот Трамп. 95 милијарди долари се за финансирање на војната во Иран и други приоритети на Белата куќа.

Маријана Димовска