Ревизија

Општините не наплатиле речиси 50 милиони евра за периодот од 2020 до 2024 година, покажа извештајот на ДЗР

23.07.2026 12:54

Општините не наплатиле речиси 50 милиони евра за периодот од 2020 до 2024 година. Околу 4 милиони евра се отпишани долгови. Ова го покажа извештајот на Државниот завод за ревизија за капацитетот на локалните самоуправи за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци. Недостатоците во регулативата, недоволни човечки ресурси и недоволен фискален напор – ова се факторите кои го ограничуваат капацитетот на општините да ги наплатат даноците, предупредуваат ревизорите. Проблемот се зголемува поради неекипираноста на даночните одделенија во општините, немањето даночни инспектори, со само еден од УЈП и 16 инспектори во целата држава. Исто така, Државниот завод констатирал и дека даноците се пресметуваат по нереални цени на вредност, кои со години не се сменети, а и нема кој да направи нова проценка.

Застарени методологии за пресметка ги остави општините во земјава со близу 48 милиони евра ненаплатени даноци и такси констатира Државната ревизија. Во истиот период од 2020 до 2024 отпишале близу 4 милиони евра. Ревизорите тврдат дека над 67 проценти од ненаплатениот данок на имот е постар од пет години, што укажува на слаб фискален залог и несоодветно користење на механизмите за присилна наплата.

„Методологијата за пресметка на пазарната вредност на објектите е застарена и не ги опфаќа новите видови градежни материјали и објекти, а цените со кои се утврдува даночната основа не се ажурирани со години. Само 15 општини досега спровеле ревизија на пазарната вредност на имотот. Во однос на комуналните такси, само три од вкупно осум предвидени такси се наплаќаат во повеќе од половина од општините“, се вели во ревизорскиот извештај.

Нецелосните регистри на недвижности, кадровската непополнетост во даночните одделенија, како и недоволната координација меѓу институциите сè уште еден проблем, покажала ревизијата.

„Дополнително, несоодветно воспоставениот надзор на централни и локално ниво, со само еден инспектор од страна на управата за јавни приходи и само 16 даночни инспектори во сите општини, кои вршат проверка дали обврзниците ја пријавиле својата обврска за данок или комунална такса, а немаат надлежност да изрекуваат глоби, не е ефикасен“, стои во извештајот на ДЗР.

Анализата на ДЗР покажува дека највисок фискален капацитет има Градот Скопје со 91,31 процент, додека на дното е Општина Зрновци со 10,14 проценти. Руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер-Сандево, имаат значително послаб фискален капацитет.

 

Фиљана Кока