Ниските обесштетувања ги одвраќаат земјоделците од осигурување на родот
Невремето направи пустош по земјоделскиот род. МТВ разговараше со земјоделци од Битола, кои имаат штети и до 70 илјади евра. Дел од нив велат дека порано го осигурувале родот, но тоа престанале да го прават зашто, ем треба да достават куп документација, ем кога требало да земат пари не добиле отштета.

Иако временските неприлики од година во година носат се поголеми штети, најголем дел од земјоделците и понатаму не ги осигуруваат своите посеви и насади. Кристијан повеќе години ги осигурувал своите земјоделски површини, но искуството покажало дека тоа не е исплатливо. Причината не е само финансискиот дел, туку повеќе недовербата во системот дека штетите ќе бидат навреме и целосно исплатени. Оваа година од град уништени му се околу 100 хектари
Суши, град, поројни дождови и силни ветрови, нетипични за нашето поднебје се сè почести. Во услови кога климатските промени стануваат се поизразени, експертите предупредуваат дека осигурувањето повеќе не е луксуз, туку мерка за намалување на финансиските загуби кога природата ќе го уништи родот.
Секоја нова временска непогода потсетува дека земјоделството е една од најранливите гранки на климатските промени. Прашањето не е веќе дали ќе има ново невреме, туку колку ќе бидат подготвени земјоделците да ги заштитат своите посеви и својата егзистенција.
Дали ќе се зголеми интересот за осигурување ќе зависи и од поддршката што земјоделците ќе ја добијат, но и од тоа колку ќе бидат свесни дека ризикот од временските неприлики станува нова реалност.
Александра Максимовска
