Македонија

УНЕСКО ќе одлучува за идниот статус на Охридскиот Регион

23.07.2026 19:18

УНЕСКО ќе одлучува за идниот статус на Охридскиот Регион. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува државата да добие уште една шанса, но порачува дека решеноста за зачувување на Охрид мора да се покаже со конкретни дела...

Деновиве Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ќе ја донесе една од најважните одлуки за иднината на Охридскиот Регион. Повторно ќе се расправа по предлогот регионот да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност

Владата бара дополнителен рок од шест години за спроведување на препораките, додека, претседателката Гордана Силјановска-Давкова порачува решеноста за заштита на Охрид мора да се покаже со конкретни дела.

„Се разбира дека би сакала да добиеме уште една шанса. Но, она што говори во наша полза не е само да се справиме со проблемите што се очигледни, туку да покажеме отворена волја и подготвеност да почнеме одговорно да се однесуваме кон Охрид“, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Препораките на УНЕСКО со години укажуваат на потребата од поефикасна заштита на природното и културното наследство.

„Мораме со конкретни чекори, со план и со рокови да покажеме дека сме одговорни кон признанието дека ова е исклучително богатство. Она што е под заштита на УНЕСКО не е само македонско, не е само наше, туку е цивилизациска придобивка“, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

По конечната одлука на Комитетот за УНЕСКО ќе биде познато дали Охридскиот Регион ќе биде впишан на Листата на светско наследство во опасност или ќе добие дополнителен период за спроведување на корективните мерки.

Соња Рилковска