Втор ден молк за спортските канали
И натаму молк од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги на прашањето од јавниот сервис, дали може да ни ги достави на увид документите за реемитување на програмата на специјализираните спортски канали. Целта е јавноста да добие јасна слика за нивното функционирање во Македонија, под кои услови и дали на пазарот има фер конкуренција.

Втор ден молк од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги на последното од низата прашање на Македонската телевизија – дали агенцијата почитувајќи го јавниот интерес, може да ни ги достави на увид документите за реемитување на програмата на Арена М премиум?
Во очекување на документите и одговорите на агенцијата дека каналите Арена М премиум се регистрирани во Србија, а кое по проверката на јавниот сервис се утврди за погрешно, анализата на јавниот сервис за работата на овие канали отвори уште многу други прашања и дилеми.
Трите Арена М премиум програмски сервиси, според ставот на ААВМУ се реемитуваат од страна на операторите во Македонија како странски канали и над нив нашето регулаторно тело нема надлежност. Но, според член 46, став 3 од Законот за аудио и аудио-визуелни услуги, меѓу условите, врз основа на кои агенцијата има јурисдикција над одреден медиум е кога:
„Значителен дел од работната сила ангажирана на активности поврзани со програмските аспекти на аудио и аудиовизуелната медиумска услуга, не се наоѓа ниту во Република Северна Македонија, ниту во земја-членка на Европската унија, но давателот на аудио и аудиовизуелната медиумска услуга изворно ја започнал својата дејност во Република Северна Македонија во согласност со нејзините прописи, под услов да одржува стабилна и ефективна врска со економијата на Република Северна Македонија“.
Тоа во случајот на спортските канали се гледа од ефективна врска со економијата на Република Македонија, односно, од големиот број на домашни реклами емитувани за време на Светското фудбалско првенство и кадарот што ги реализираше преносите.
Се поставува прашањето – зошто трите Премиум М канали на Арена не се регистрирани како домашни национални канали под надлежност на ААВМУ?
Воедно, агенцијата треба да одговори и на прашањето, кој е точно прагот кога странски канал со локализирана продукција на програма ја преминува законската граница и станува нерегистриран домашен радиодифузер? Во спротивно, по истата аналогија може и други канали да имаат седиште во друга држава, своите сигнали да ги праќаат од странство, сите да имаат работна сила во Македонија и да емитуваат домашни реклами, со што се поставува прашањето, дали во Македонија воопшто ќе има домашни канали?
Миле А. Ристески
