Нема нови хоспитализации во Гостивар, но граѓаните да останат претпазливи, апелираат надлежните
Мострите земени од пациентите, кои покажаа симптоми во Гостивар се проверуваат во две лаборатории. Министерот за здравство Клековски потврди дека дел се позитивни на бактерии, за кои причината е фекално загадување. Бројот на нови случаи стагнира. АХВ тргна во контрола на угостителските објекти во градот, за да провери дали се почитува забраната за употреба на водата. Засега нема отстапувања.

Стагнира бројот на граѓани со симптоми во Гостивар. Но граѓаните да останат претпазливи, апелираат надлежните. Бактерии од фекално загадување и загадување и од атмосферски води причина за големиот број болни со проблеми со дигестивниот систем. Астровирусот и шигиелата најчесто се детектирани.
Во меѓувреме, се проверува што се случувало во деновите пред да биде откриено дека пумпите во водоводниот систем дотурале вода со фекалии, по што многу гостиварци почнаа да бараат лекарска помош.
Дали надлежните рекле дека водата е исправна за пиење иако анализите на водата покажале нешто сосема друго, министерот за здравство вели, се собираат податоците и ова ќе биде истражено.
Со едно мерење не може да се даде конечен заклучок.
Кафулињата, пицериите, пекарници, сендвичарници 70 угостителски објекти во вторникот биле исконтролирани од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Ја почитувале препораката и не користеле вода за миење садови и приготвување храна од гостиварскиот водоводен систем, за послужување на гостите користеле пластичен и хартиен прибор.
АХВ во Гостивар изрекло 30 парични казни за невршење на дезинфекција, биле евидентирани субјекти кои не биле регистрирани како оператори со храна, а работеле со прехранбени производи.
Наташа Јанчиќ – Менковски
