Нормализирање на ситуацијата во Гостивар, најави Мицкоски
До крајот на неделава во Гостивар ќе има технички исправна вода, од идната и вода за пиење. Ова го најави премиерот Мицкоски, кој вели дека сите институции се максимално ангажирани за нормализирање на ситуацијата во градот. Лидерот на опозицијата Филипче покажа документи за загадена вода и во болница во Лешок – СДСМ бара вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата.

На повидок почеток на нормализацијата на ситуацијата во Гостивар. Премиерот Мицкоски очекува до крајот на неделава, водата да биде технички исправна, а кон крајот на идната да биде и безбедна за пиење. Во решавањето на проблемот се вклучени екипи од „Водовод и канализација“ од Скопје и експерти.
Шефот на владата посочи дека надлежните продолжуваат со активностите на терен, оценувајќи дека состојбата во општината претставува дополнителен предизвик.
Откако објави документи, според кои, загадена вода со бактерии имало и во болницата во Лешок, лидерот на СДСМ побара итно да се спроведе вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават резултатите, микробиолошките анализи и за хлорирањето. Филипче побара и политичка и кривична одговорност за сите коишто, како што рече, учествувале во прикривање на информациите за труењето во Гостивар.
До нормализација на состојбата останува на сила забраната за употреба на водата за пиење и продолжува кризната состојба. Жителите се снабдуваат со вода од неколку пунктови.
Александра Велинова
