Кризен штаб

Водата во Гостивар сè уште е загадена, започнато е хиперхлорирање во законски утврдени дози

23.07.2026 20:52

Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење, ниту за користење како техничка, покажале тестирањата кои ги спроведоа експерти од скопски „Водовод“. Денеска се чистела каптажата од каде што се обезбедува вода за општината и поставен е систем за дополнително хлорирање на водата...

Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење, ниту за користење како техничка, покажале тестирањата кои ги спроведоа експерти од скопски „Водовод“.

Денеска се чистела каптажата од каде што се обезбедува вода за општината и поставен е систем за дополнително хлорирање на водата, а за кој, уверуваат стручњаците, ќе биде во рамки на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, кажа дека се вршат напори, гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода, а до крајот на следната недела и вода за пиење.

„Ќе вршиме секојдневни мерења на хлорот кај крајните корисници преку мрежата и доколку биде утврден соодветен параметар како што се очекува, до крајот на оваа недела се надеваме дека би имале соодветна техничка вода која би можеле да ја користат граѓаните на Гостивар, а претпоставките се доколку сè биде во ред со соодветниот третман, да можеме до крајот на наредната недела да имаме вода за пиење. Тоа исклучиво ќе важи само доколку во континуитет имаме двапати резултати кои ќе исклучат какви било потенцијални штетни ефекти во рамки на испитувањата. Ќе се врши испирање на примарната мрежа во рамки на Општина Гостивар, сè со цел да можеме да дојдеме до посакуваните резултати, да дојдеме прво до сигурна техничка вода“, кажа Тошковски.

Дотогаш на 13 пунктови, граѓаните ќе се снабдуваат со флаширана вода за пиење и техничка вода.