ЦЈЗ Прилеп

Водата во Крушево не е безбедна за пиење

24.07.2026 05:30

Препораката следува по известувањето од Центарот за јавно здравје - Прилеп, според кое водата од градскиот водовод е бактериолошки неисправна.

Јавното комунално претпријатие „Комуна“ од Крушево ги повика жителите на градот до понатамошно известување да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење, туку да користат пакувана вода.

Препораката следува по известувањето од Центарот за јавно здравје - Прилеп, според кое водата од градскиот водовод е бактериолошки неисправна.

Од ЈКП „Комуна“ информираат дека водата од водоводната мрежа може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна, перење и миење садови само доколку претходно се преврие најмалку 10 минути.

Воедно, од претпријатието посочуваат дека водата редовно се хлорира и секојдневно се врши контрола на нивото на хлор во водоводниот систем.

Овие препораки ќе останат во сила сѐ додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата, по што јавноста ќе биде навремено информирана. Од Центарот за јавно здравје - Прилеп најавуваат дека ќе бидат во постојана комуникација со надлежните институции и ќе ја следат состојбата.

При контролите е утврдено дека бактериолошки неисправна е и водата од двете крајпатни чешми - кај Бензинската пумпа и „Св. Петка“, од каде што примероците биле земени на 20 јули. Надлежните предупредуваат дека водата од овие чешми не смее да се користи за пиење.