БЛИСКИ ИСТОК

Војната САД-Иран продолжува

24.07.2026 08:05

Премиерот Нетанјаху вели дека на овој начин би се постигнал историски пат кон мирот на Блиски Исток...

Американскиот претседател изјави дека договорот меѓу Вашингтон и Ријад за цивилна нуклеарна програма ќе биде усвоен само откако Саудиска Арабија ќе ги нормализира односите со Израел преку Абрахамовите договори. Премиерот Нетанјаху вели дека на овој начин би се постигнал историски пат кон мирот на Блиски Исток.

„Ова е услов за кој претседателот зборуваше многу пати со нашите сојузници од заливот и арапските земји. Тој сака да ги види овие земји како ги потпишуваат Абрахамовите договори. Тоа беше едно од најисториските достигнувања од неговиот прв мандат и продолжува да биде негова долгорочна цел да ги прошири тие договори, за на крајот да дојде до точка каде што Блискиот Исток може да биде мирен и стабилен регион и, да, овој договор со Саудиска Арабија, зависи од овој услов“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Во однос на актуелната војна на Блискиот Исток, Трамп вели дека Иран сè уште не е подготвен да склучи договор и негира оти Исламската Република е во посилна позиција отколку во февруари кога почна војната.

„Ја уништивме нивната морнарица, нивните воздухопловни сили, целиот нивен радар, поголемиот дел од нивните капацитети во однос на производството. Нивните беспилотни летала се намалени за 84 проценти, ракетите за 91 процент. Еден весник напиша дека се во посилна позиција отколку што беа пред четири месеци. Не, тоа не е вистина“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во меѓувреме, Претставничкиот дом со тесно мнозинство, по вторпат усвои резолуција за запирање на воената акција на САД во Иран, испраќајќи предупредување до претседателот Трамп по дека војната ескалираше и иднината на конфликтот е сè понеизвесна.