Светската економија пред нов предизвик поради ескалација на состојбата на Блискиот Исток
Светската економија пред нов предизвик. Јеменските Хути нападнаа бродови во Црвено Море, ставајќи ја во прашање една од најважните точки за трговијата меѓу Европа и Азија. Ормускиот теснец кој со месеци е под оган и блокади, е главниот излез на нафта и гас од Персискиот залив кон светските пазари. Состојбата во клучните поморски рути за извоз на нафта и гас се заканува дополнително да ги зголеми цените на енергенсите …

Нов глобален раст на цените на нафтата поради ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток. Јеменските Хути нападнаа бродови во Црвено Море, создавајќи ризик од подолг застој на уште една клучна трговска рута. Баб ел-Мандеб е една од најважните точки за трговијата меѓу Европа и Азија. Ормускиот теснец кој со месеци е во блокади, е главниот излез на нафта и гас од Персискиот Залив кон светските пазари. Поради неизвесноста за тоа како променливите цени на енергијата ќе влијаат на инфлацијата, Европската централна банка ги остави каматните стапки непроменети.
„Неизвесноста останува висока, а целосното инфлациско влијание на енергетскиот шок сè уште не е изразено. Затоа внимателно го следиме интензитетот и времетраењето на шокот, како и неговите индиректни и секундарни ефекти“, изјави Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка.
Два саудиски брода беа погодени од ракети во Црвено Море неделава, додека Хутите поддржани од Иран предупредија да се избегнуваат саудиските пристаништа. Ријад се обидува да остане надвор од директниот конфликт меѓу Вашингтон и Техеран, во момент кога Кралството и САД постигнаа 30 – годишен нуклеарен пакт за развој на цивилна нуклеарна програма. Договорот ќе биде усвоен само откако Саудиска Арабија ќе ги нормализира односите со Израел преку Абрахамовите договори, велат во Белата Куќа.
„Ова е услов за кој претседателот зборуваше многу пати со нашите сојузници од заливот и арапските земји. Тоа беше едно од најисториските достигнувања од неговиот прв мандат и продолжува да биде негова долгорочна цел, да ги прошири тие договори, за на крајот да дојде до точка каде што Блискиот Исток може да биде мирен и стабилен регион и, да, овој договор со Саудиска Арабија, зависи од овој услов“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Иранското МНР оцени дека намерата на американскиот претседател да ги искористи замрзнатите ирански средства за покривање на штетите на бродови погодени во напади во Персискиот Залив претставува „опасен преседан“. И изминатото деноноќие САД нападнаа цели во Иран, Техеран возврати со ракети и дронови кон Кувајт и Бахреин. Војната нема „јасна мисија, стратегија, крајна цел“, велат демократите во Претставничкиот дом, откако со тесно мнозинство, по вторпат беше усвоена резолуцијата за запирање на воената акција на САД во Иран.
Маријана Димовска
