Трамп воведува нови царини, погодени 60 земји
Трамп отвора нов фронт во глобалната трговска војна. САД воведуваат нови царини за 60 трговски партнери, меѓу кои се Европската унија, Кина, Јапонија и Индија. Вашингтон тврди дека мерката е насочена против производи поврзани со принудна работа, додека погодените држави ја оценуваат како неоправдана и најавуваат дипломатски одговор…

САД воведуваат дополнителни царини од 10 и 12,5 проценти за 60 трговски партнери, поради недоволно строга примена на забраната за принудна работа. Новата мерка стапува во сила денеска, во момент кога истекува примената на привремената глобална тарифа од 10 проценти. Новите давачки ќе се применуваат за производи од Европската унија, Кина, Индија, Јапонија, Велика Британија.
„Амбасадорот Грир презема мерки, по наредба на претседателот Трамп, согласно член 301 од законот за трговија од 1974 година, со воведување царини на 60 трговски партнери поради нивниот неуспех да донесат и ефикасно да спроведат забрана за увоз на стоки произведени со принудна работа“, стои на веб-страница на канцеларијата на американскиот трговски претставник.
Новиот обид на Вашингтон да ја засили заштитата на домашната економија наиде на негодување, земјите кои се опфатени со новите давачки изразија жалење за акциите на Вашингтон.
„Разочарани сме од одлуката на трговскиот претставник на сад да ги зголеми царините за некои австралиски производи што влегуваат во Америка. Владата на австралискиот премиер верува дека ова наметнување повисоки царини за нас е целосно неоправдано и ние ќе продолжиме да лобираме кај трговскиот претставник на сад да ги отстрани сите царини за нашите стоки“, изјави Дон Фарел, министер за трговија на Австралија.
„Жално е што оваа мерка, воведувањето на царини врз Јапонија врз основа на непостоечки применети забрани за стоки произведени со принудна работа, и покрај фактот дека индустријата и трговијата на Јапонија се во согласност со меѓународните правила“, рече Минору Кихара, главен секретар на кабинетот на Јапонија
Неделава, администрацијата на Трамп се повика на член од законот за тарифи од 1930-та година, за да воведе царини од 50% на производи од Канада. Премиерот Карни најави дека ќе разговара со сад за надминување на трговските разлики.
„Ги интензивираме нашите преговори со соединетите американски држави во потрага по договор што ќе ги опфати сите сектори поврзани со царините. Канада ќе направи сè што е потребно за да ги поддржи канадските семејства, работниците, земјоделците и нашите бизниси. Подготвени сме, бидејќи се фокусираме на она што можеме да го контролираме“, изјави премиер, Марк Карни.
Американската администрација соопшти дека тарифите ќе се справат со нефер трговските практики и ќе ги заштитат американските работници и бизниси.
Катерина Бојаџиева
