Кривичен Суд

Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, излезе на слобода

24.07.2026 15:06

По 100 дена во притвор, поранешниот претседател на Фудбалската федерација, Муамед Сејдини, излезе на слобода. Со милион евра банкарска гаранција ја замени најстрогата мерка. Обвинителството го сомничи за проневера на над 700 илјади евра при изградбата на трибината во Охрид и за милионски злоупотреби во Фудбалската федерација...

Експретседателот на ФФМ, Сејдини по три месеци излегува од притвор. За да биде на слобода заложил недвижен имот од над 1,15 милиони евра како гаранција, информираат од Кривичниот суд. Како мерка на претпазливост за обезбедување на присуството, на Сејдини му се одземени патните документи.

„Судија на претходна постапка при основниот Кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната на осомничениот М.С., поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, донесе решение со кое ја прифати понудената гаранција во износ од над 1.150.000 евра, која се состои од засновање хипотека врз недвижен имот и ја укина мерката притвор“, стои во соопштението на судот.

Поранешниот прв човек на ФФМ се сомничи за проневера на 700.000 евра доделени од УЕФА за развој на фудбалот во Македонија, како и за злоупотреба на функцијата. Средствата биле наменети за извршување градежни работи на стадионот во Охрид.

Во притвор е од 24 април годинава поради опасност од бегство и можност за попречување на истрагата преку влијание врз сведоци. Подоцна, мерката му беше продолжена со одлука на Кривичниот совет. Беше избран за в. д. претседател на Фудбалската федерација на Македонија во март 2019, па за претседател на редовно собрание.

Во 2024 година по парламентарните избори си поднесе оставка, а на негово место дојде Масар Омерагиќ. Пред еден месец уапсен беше и поранешниот претседател на ФФМ, Ѓорѓиоски, по кривична пријава од пред 6 години, за проневера од 2,4 милиони евра.

Фиљана Кока