Нов глобален раст на цените на нафтата поради ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток
Јеменските Хути нападнаа бродови во Црвено Море, ставајќи ја во прашање една од најважните точки за трговијата меѓу Европа и Азија. Ормускиот теснец кој со месеци е под оган и блокади, е главниот излез на нафта и гас од Персискиот залив кон светските пазари. Состојбата во клучните поморски рути се заканува дополнително да ги зголеми цените на енергенсите...

Нов раст на цените на нафтата поради ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток. Јеменските Хути нападнаа бродови во Црвено Море и предупредија да се избегнуваат саудиските пристаништа. Баб ел-Мандеб е една од најважните точки за трговијата меѓу Европа и Азија. Ормускиот теснец кој со месеци е во блокади, е главниот излез на нафта и гас од Персискиот Залив кон светските пазари. Ријад се обидува да остане надвор од конфликтот, во момент кога Кралството и САД постигнаа 30 – годишен нуклеарен пакт за развој на цивилна нуклеарна програма. Договорот ќе биде усвоен само откако Саудиска Арабија ќе ги нормализира односите со Израел преку Абрахамовите договори, велат во Белата Куќа.
„Ова е услов за кој претседателот зборуваше многу пати со нашите сојузници од заливот и арапските земји. Тоа беше едно од најисториските достигнувања од неговиот прв мандат и продолжува да биде негова долгорочна цел, да ги прошири тие договори, за на крајот да дојде до точка каде што Блискиот Исток може да биде мирен и стабилен регион и, да, овој договор со Саудиска Арабија, зависи од овој услов“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
За нуклеарниот договор, демократите во Претставничкиот дом велат дека Трамп не може да се сфати сериозно. За војната со Иран, оценуваат дека нема „јасна мисија, стратегија, крајна цел“, откако со тесно мнозинство, по вторпат беше усвоена резолуцијата за запирање на воената акција на САД во Исламската Република.
„Дали има нешто што тој го кажува, особено кога станува збор за таканаречени договори што можеме да ги сфатиме сериозно? Секој одговорен претседател всушност би имал брифинг преку секретарите на неговиот кабинет пред каков било вид јавна прогласување, но вака се однесува Доналд Трамп. Нема ништо што тој го кажува во моментов што некој од нас може да го сфати сериозно“, изјави Хаким Џефрис, лидер на демократите во Претставничкиот дом.
И изминатото деноноќие САД нападнаа цели во Иран, Техеран возврати со ракети и дронови кон Кувајт и Бахреин. Пентагон го намали официјалниот број на американски војници убиени во војната од 18 на 14, со објаснување дека четворица загинале откако претседателот Трамп прогласи прекин на огнот во април.
Маријана Димовска
