Штетите во Куманово се пријавуваат, санирањето ќе потрае
Кумановци продолжуваат да ги пријавуваат штетите од невремето. Екипите на терен санираат, но оштетувањата се големи. Кумановско Клечовце сè уште е без струја. Се отвори прашањето и за слабостите на кровните конструкции. Чија е одговорноста?

Телефонот на кумановската општина продолжува да ѕвони. Граѓаните пријавуваат штети, екипите на терен сè уште санираат. Кризниот штаб бараат граѓаните да бидат солидарни и да се вклучат во расчистувањето. Комисијата за проценка ќе утврдува склонопадни дрвја. Но жителите со прашања. Дали кровните конструкции чии лимови летнаа како хартија, се изградени согласно стандардите, се контролираат ли инвеститорите.
Градежниот инвеститор Спасовски за МРТ појаснува, по гарантниот рок, улогата ја имаат станбените управители. По 10-15 години потенцира неопходна е репарација. Но, вели, проблем за домарите веројатно се малите средства од фондот за колективно домување. Предлага воведување регулатива со тарифник и точни надлежности.
„На крај надзорот дава извештај дека комплетната градба, вклучувајќи ја и кровната конструкција, која претходно е проектиран основен проект, статичка издржливост, и слично е изведена согласно прописите. Гаранцијата на целокупната градба трае две години од страна на инвеститорот од купувачите од денот на примопредавање. Главен проблем се фирмите кои стопанисуваат управителите на објектите. Тие се фирмите кои не се само да ги изџогираат и исчистат лифтовите и скалите, но треба да имаат одговорност и за одржување на целокупниот објект“, истакна Бобан Спасовски, градежен инвеститор.
Инспекциските служби пак можат да го задолжат сопственикот да поправи одреден дел од објектот.
„Тие треба да си редовно сервисираат, и да си ги одржуваат како покривите така и целокупниот објект. Одржувањето на домовите е надлежност на секој сопственик. При изградба на објекти, објектот има фирма што изведува и фирма надзор, за квалитетот гарантира фирмата изведувач а за исправноста фирмата што го потпишала надзорот“, дополни секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска.
Апелот е домарите и сопствениците навреме да се грижат за своите објекти.
Елена Георгиевска
