Извозот од зоните за осум месеци достигна 750 милиони евра

26.09.2014 12:08

Ако се споредат податоците може да се констатира дека само за осум месеци годинава е постигнат извоз од слободните зони колку што беше цела 2013 година...

Во првите осум месеци од годината извозот од зоните изнесувал 750 милиони евра. Ако се споредат податоците може да се констатира дека само за осум месеци годинава е постигнат извоз од слободните зони колку што беше цела 2013 година. Извозот од зоните од почетокот на 2014 година бележи континуиран раст, според податоците на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Растот на извозот се должи на фактот што имаме нови компании кои се функционални и кои во текот на 2013 година се уште не работеа како компаниите: „Ван Хол“ во Скопје2, „Џонсон контролс“ во Штип, втората фаза на „Џонсон Мети“ во Скопје 1, поголемиот обем на производство на „Кемет“, но забележано е и драстично зголемување на извозот на „Текнохозе“, вели за порталот Лидер директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Според податоците од Дирекцијата, „Џонсон Мети“ континуирано ги руши сопствените рекорди за извоз од зоните. Од овој месец се очекува нов извозен бум, кога компанијата ќе почне со работа во четвртата линија.