Тежок период за оризопроизводителите
Доколку не се преземат итни мерки, оризопроизводителите во амбарите наскоро ќе имаат род од три жетви. Откако кочанскиот ориз не се пласира на странските пазари, има суфицит на ориз и ниска откупна цена...

Со околу десет илјади тони неоткупен род од минатите две жетви и со откупна цена од 18 до 20 денари за килограм арпа што е околу половина од производната цена, оризопроизводителите бараат државата конечно да ги заштити како производители на стратешка култура, да изготви правилник за откуп и да помогне за извоз на кочанскиот ориз како брендиран производ. Велат ние го произведуваме оризот, но од нашиот труд печалат откупувачите и трговците
Производните трошоци растат, откупната цена опаѓа, според земјоделците оптимална откупна цена би била од 35 до 40 денари. Министерството за земјоделство најавува неколку мерки за решение на проблемот
„Во среда, 29 јули министерот Серафимовски ќе има средба со откупувачите на оризова арпа, на која ќе се разговара за состојбата со откупот и можностите за пласман на преостанатите количини. Во меѓувреме, Министерството врши анализа на залихите, количините наменети за продажба, производните трошоци и пазарните услови. Целта на Министерството е во непосреден дијалог со производителите и откупувачите, да се утврдат реални и применливи чекори што ќе го олеснат пласманот на преостанатите количини и ќе го намалат притисокот врз оризопроизводителите пред почетокот на новата жетва“, соопштија од МЗШВ.
Земјоделците бараат навремено наводнување, набавка на сертифицирано семе и проверени препарати за оризот. Но и годинава наводнувањето задоцни, семето е меркантилно, а препаратите за заштита и прихранување се набавуваат на црно.
Славица Величковска
