Дипломатија

Муцунски: Има позитивен импулс, но сѐ уште нема решение за деблокада на преговорите со ЕУ

24.07.2026 18:32

Позитивен импулс, но засега без решение за деблокада на македонските преговори со Европската унија. Разговорите со Софија и Брисел продолжуваат, но нема отстапки поврзани со националниот интерес, историјата и идентитетот, вели шефот на дипломатијата Муцунски. Заштита на човековите права и системското непочитување на правата на Македонците во Бугарија остануваат во фокусот на дипломатските активности на македонското МНР.

Продолжуваат разговорите со Бугарија и со Европската Унија за изнаоѓање „праведно и одржливо“ решение и деблокада на евроинтегративниот процес. Секое можно решение ќе биде во рамките на принципите и постулатите што Владата јавно ги претстави, вели шефот на дипломатијата Муцунски. Оцени дека има позитивен импулс за изнаоѓање решение, но засега нема конкретен договор. Протоколите не се составен дел од преговарачката рамка.

Прашањата поврзани со човековите права и положбата на Македонците во Бугарија, меѓу приоритетите на македонската дипломатија. Муцунски потенцира дека државата активно ги отвора овие теми во Советот на Европа, инсистирајќи на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Претседавањето со Советот, Македонија ќе го преземе во 2028-та.

Претседателката Сиљановска-Давкова неодамна изјави дека 30-ти септември ќе биде важен датум за иднината на политиката на проширување, кога Европската комисија треба да го претстави новиот пристап кон процесот.

Милчо Велески