ААВМУ

Прашања за одговори во интерес на јавноста

24.07.2026 17:35

Трет ден молк од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги за документите за реемитување на програмата на специјализираните спортски канали во земјава. Главната групација и сопственоста на основаните фирми функционира поинаку во други земји на Балканот, поинаку во Македонија.

Трет ден молк од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги на последното од низата прашања на Македонската телевизија – дали агенцијата почитувајќи го јавниот интерес може да ни ги достави на увид документите за реемитување на програмата на Арена M премиум?

Станува збор за пријавата и одобрувањето за вклучувањето на трите специјализирани спортски канали во пакетите на програмски сервиси на операторите. Сè уште нема одговор за сознанието дека овие канали се регистрирани во Србија, а ги нема во официјално објавениот регистар на српското Регулаторно тело.

Македонската телевизија дојде до податоци како „Арена ченлс груп“ работи и функционира во другите балкански држави. Во Хрватска, во своја целосна сопственост ја има фирмата „Хаде-вин арена спорт“ која во хрватското Регулаторно тело регистрирало 11 програмски сервиси и сите тие програмата ја емитуваат на хрватски јазик.

Во Словенија, во сопственост на „Арена ченлс груп“ е фирмата „Арена спорт“ која во словенечкото Регулаторно тело има регистрирано три програмски сервиси и емитува програма на словенечки јазик.

Во Босна и Херцеговина е регистрирана фирмата „Арена спорт БХ“ во целосна сопственост на „Арена ченлс груп“ и во Регулаторното тело регистрирале четири програмски сервиси кои емитуваат програма на босански јазик.

Се поставува прашањето – во чија сопственост се Арена М1, М2 и М3 и кој го организира нивното целокупно работење, ако во другите балкански држави „Арена ченлс груп“ формира фирми во своја сопственост и дали во Македонија нејзините канали ги доверила на менаџирање на друга фирма? Дали дозволувајќи една регионална медиумска мрежа да управува со локални, посебно приспособени и културно и јазично адаптирани телевизиски програми под превезот на реемитување, се создаваат нееднакви услови на пазарот кој треба агенцијата да го регулира?

Истражувањето на јавниот сервис отвораат уште голем број нови прашања кои заслужуваат одговори како во интерес на јавноста, на која јавниот дифузер и служи, но е во интерес и на регулација на медиумскиот пазар во нашата држава и создавање на објективни и фер услови за работа за сите.

 

Миле А. Ристески