Битола атрактивна за туристите во летниот период
Во летниот период од годината, најголемиот дел од граѓаните заминуваат на одмор и градовите се празнат, но тоа не е случај и со Битола. Огромна раздвиженост од странски туристи и посетители, но и голем број иселеници кои остануваат по неколку месеци. Оваа летна слика покрај туристички карактер и значително ја оживува локалната економија. На 15 км од градот зголемена фреквенција од патници, кои одлучиле да го користат граничниот премин Меџитлија за влез и излез од земјава. Подолги колони ниту пак задржувања не се забележани…

Иако нема ниту море ниту езеро, Битола привлекува огромен број туристи во летниот период кои покажуваат интерес за културно-историските знаменитости, Музејот, Старата битолска чаршија и преубавиот Пелистер. На Широк сокак секојдневно се забележуваат поголеми групи странски туристи, а најбројни се Турците. Покрај нив тука се и иселениците кои се враќаат на одмор и остануваат по неколку месеци.
Покрај раздвиженоста во градот, зголемена фреквенција на возила и патници е видлива и на 15-тина километри од него. Сликата од граничниот премин Меџитлија потврдува дека летната сезона е во полн ек. Бројот на странски државјани кои го користат овој премин е поголем во однос на домашните. Сепак гужви и подолги задржувања нема.
Според информациите од МВР само во јули, влез оствариле повеќе од 20 илјади македонски државјани, а излез околу 30 илјади. Додека бројот на странски државјани за влез е двојно поголем, а околу 35 илјади странски државјани ја напуштиле државава.
Бројни посетители се очекуваат да пристигнат и во следните недели кога традиционално се бележи најголемата летна фреквенција. И туристичките работници очекуваат добрата сезона да продолжи до крајот на септември, а бројните културни настани и манифестации да го зголемат интересот.
Александра Максимовска
