Охрид

Пет години за исполнување на препораките од УНЕСКО

25.07.2026 19:01

Пет години за исполнување на препораките и обврските. Охридскиот Регион е реткост, само 41 локалитет во светот се впишани како светско природно и културно наследство. Дали ќе остане на таа листа повторно ќе се оценува во 2031 година…

Од запирање на неконтролираната урбанизација и заштита на крајбрежјето, преку подобрување на колекторскиот систем и намалување на загадувањето, до заштита на културното наследство, воспоставување одржлив туризам и подобро управување.

Ова се дел од препораките што Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ги поставува пред двете земји во следните пет години за Охридскиот Регион да го задржи статусот на светско природно и културно наследство.

„Ако сами не си го чуваме ова богатство, зарем ни треба УНЕСКО да ни каже колку е вредно и колку посебно внимание треба да му се посвети, и тоа на дневна основа? Секој од нас мора да е свесен што има. Колку генерации пред нас го оставиле и колку генерации по нас треба да го оставиме. УНЕСКО бара зачувување на автентичноста“, изјави проф. д-р Зоран Тунтев, професор на ФТУ Охрид.

„Не само во однос на инфраструктурата, туку и во однос на приказната што ја носи Охрид. Ако Охрид и Охридскиот Регион се приказна за 365 цркви, за езеро старо милиони години, за автентична вода и автентична култура, а ние градиме куќи, згради, хотели, паркови и квази-паркови, јас навистина се плашам за Охрид“, изјави проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, професор на УКИМ.

Од Општина Охрид велат дека ќе продолжат со реализација на проектите што се однесуваат на заштитата на регионот.

„Продолжуваме со реализација на проектите за подобрување на инфраструктурата, решавање на проблемите со отпадните води и намалување на загадувањето на Охридското Езеро. Во изминатиот период за овие намени се инвестирани околу 3,5 милиони евра, а активностите ќе продолжат и во наредниот период“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Охридскиот Регион е реткост, само 41 локалитет во светот се впишани како светско природно и културно наследство. Дали ќе остане на таа листа повторно ќе се оценува во 2031 година.

Соња Рилковска