Уништени над 1.500 овци
Кумановските ветеринари со поддршка на екипи од Агенцијата за храна и ветеринарство, деновиве уништија над 1.500 овци поради болеста сипаници...

Над 1.500 овци од кумановскиот регион уништени поради сипаници. По првиот случај регистриран во земјава кон крајот на јануари, токму во Куманово, болеста продолжува да се шири. Се интервенираше во Младо Нагоричане, а деновиве и во Сопот. Нови жаришта засега нема, но стручните лица апелираат на почитување на мерките. Стравуваат ширењето може да расте. Укажуваат болеста е сериозна закана за сточниот фонд. Особено погодени се јагнињата.
„Првите симптоми на болеста се висока треска, слабост и губење на апетит, отечени лимфни јазли кај животните исцедок од носот, устата, очите како и отежнато дишење. Со една генерализирана форма самото животно се движи кон сигурна смрт. Смртноста е голема, кај јагнињата достигнува 70 до 80 отсто“, истакна Зоран Пешевски, ветеринарна станица Куманово.
Нови жаришта беа регистрирани во Македонска Каменица, Делчево и светиниколско. Ветеринарите повикуваат на контрола на движењето на животните, задолжителен карантин од 21 ден за новонабавените, како и запазување на биосигурностите мерки.
„Постојат индикации дека некаде во некои делови низ Македонија ни се проширува болеста и преку овие професионални стрижаци на овци. Ако таа опрема, дезинфекција, тие луѓе ако не ги почитуваат биосигурностите мерки и тоа е начин на пренос. Но како експерт, ветеринар долгогодишен сепак најголем пренос на зараза според мене е контакт на животно со животно. Нелегалната трговија со овци“, укажа ветеринарот Пешевски.
Доколку бројот на жаришта продолжи да расте, освен овие мерки, препорачуваат да се воведе и регионална вакцинација. По појавата на болеста затворени за работа се добиточните пазари за овци и кози.
Дополнително на одгледувалиштата каде што е потврдена болеста во период од 6 месеци имаат забрана за повторно населување на животни.
Елена Георгиевска
