Пожари во Франција и Шпанија
Пожарникари се борат да ги стават под контрола големите шумски пожари што беснеат низ Франција и Шпанија. Околу 280.000 лица се евакуирани по наредба на властите...

Пожарникари се борат да ги стават под контрола големите шумски пожари што беснеат низ Франција и Шпанија. Околу 280.000 лица се евакуирани по наредба на властите. Во југозападна Франција, војската е мобилизирана за да помогне во гаснењето на пламените јазици.
„Ги молам жителите, туристите да се евакуираат, но инсистирам на евакуација на уреден начин. Тоа значи дека во секоја општина погодена од пожар, секој жител, без разлика дали е редовен или привремен, ќе добие известување на својот мобилен телефон. Тоа е многу кратка порака, но со многу препознатлив рингтон, со што ќе им се даде зелено светло. Секој треба да се подготви, но да замине само кога ќе им наложиме“, изјави Софи Брокас, префект на Нова Аквитанија.
„Забележавме дека има пожар. Ги видов облаците од чад, но не мислевме дека ќе бидеме евакуирани, бидејќи сè уште беше доста оддалечено. Сите екипи на терен работеа како часовник и ни помогнаа. Сепак, многу е вознемирувачко“, изјави Роб Стиндик, турист од Холандија.
„Гледаме околу нас дека се прават огромни напори за да ги изгаснат пожарите. Толку многу луѓе работат за да се осигурат дека сè ќе испадне добро. Имам доверба во нив“, изјави Хана Ши, туристка од Холандија.
Драматична ситуација и во Шпанија, каде што три големи пожари западно од Мадрид се споија во еден огнен фронт што е „надвор од капацитетот“ на пожарникарите. Евакуирани се над 60.000 луѓе, шпанската влада прогласи национална вонредна состојба.
„Бевме на штрек цел ден бидејќи пожарот се приближуваше, а околу пет часот попладне го добивме предупредувањето. Сите бевме заедно во куќата на моите родители и брзо се евакуиравме“, изјави евакуирана жена.
„Евакуацијата беше навистина брза. Цивилната гарда почна да пристигнува и ни кажа да ги напуштиме домовите. Сега сме згрижени, но што ли ќе најдеме кога ќе се вратиме“, додаде друга евакуирана жена.
Европската унија испрати авиони и хеликоптери за да им помогнат на Шпанија и Франција, бидејќи поголемиот дел од јужна Европа се справува со серија топлотни бранови и продолжена суша. Европската агенција за животна средина предупреди дека „климатските промени го зголемија ризикот од шумски пожари низ цела Европа“, при што најголемата опасност се очекува на југот од континентот.
Катерина Бојаџиева
