Здравство

Епидемијата се смирува, одговорност ќе има

25.07.2026 17:54

Во борбата со епидемијата, секој ден е важен. А токму три до четири дена, според министерот за здравство, доцнел системот да го препознае проблемот во Гостивар. Сега следува анализа на секој пропуст, но и ветување дека одговорност ќе има …

Епидемијата со стомачни заболувања во Гостивар се смирува – бројот на новорегистрирани случаи е преполовен. Институциите продолжуваат со испитувањата за да утврдат како дошло до појава на епидемијата и дали имало пропусти во системот за контрола на водата … Се прават епидемиолошките анализи за да се утврди кога почнале првите случаи и како се ширела заразата. Министерот за здравство не очекува појава на други заболувања, освен ако не се почитуваат хигиенските мерки. Порачува дека за настанатата состојба мора да се утврди одговорност.

„Имаме состојба од 80 новопријавени пациенти, што е двојно намалување од претходните бројки и дефинитивно сме во надолен тренд. Очигледно во пријавите за заразни болести има од три до четири дена доцнење во известувањето, според ова сега што можам да го видам на терен. Одговорност ќе има, ќе има научени лекции, да се корегираат работите“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Контролата на водата е во надлежност на јавните претпријатија – едно од нив ја контролира токму водата во Лешок, која е бактериолошки неисправна. Станува збор за децениски проблем, поради кој жителите со години се снабдуваат со вода од диспанзери. Според Клековски – во голем дел од руралните средини во земјава, водата од бунарите се користи само како техничка.

„Секој што бил во рурална Македонија знае дека значителен дел од плитките бунари, зборам за бунари од 10 до 15 метри, се бактериолошки загадени, повеќето знаат дека локалните водоводи кои во минатото се градени од месните заедници, а не од општините особено во летните месеци се загаден тоа не е состојба од вчера завчера, тоа е состојба со години. Меѓутоа водоснабдувањето на населението е одговорност на општините“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Водата во Гостивар останува забранета за секаква употреба. Во градот и натаму е во сила кризната состојба. Очекувањата на надлежните се дека до крајот на неделата гостиварци ќе добијат техничка вода. Анализите покажаа присуство на фекални бактерии во водоводната мрежа што предизвикаа здравствени проблеми кај неколку илјади жители.

Андријана Ѓурческа