Уништена е опрема на македонската железничка инфраструктура, штета над 5 милиони евра
Голема материјална штета е предизвикана на македонската железничка инфраструктура по кражбата на два трансформатори во трафостаницата кај Драчево тешки 27 тони. Трансформаторите не можат да се санираат, а истрагата се насочува кон сторители кои добро ја познавале инфраструктурата. Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека и покрај кражбата, железничкиот сообраќај ќе продолжи. Од 1-ви септември ќе почне да сообраќа градскиот воз, а ќе има и редовен карго и патнички сообраќај …

По голема кражба извршена во електровлечната подстаница Драчево, која се наоѓа меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, при што е уништен и украден значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, директорот на МЖ инфраструктура Синиша Ивановски за МТВ вели станува збор за организирана криминална група, која не само што уништила имот и опрема, туку значително ќе го отежне функционирање на железницата. Тој е уверен дека патниот и товарниот сообраќај нормално ќе се одвива, а нема да запре ниту проектот градски воз кој треба да стартува од 1 септември.
Според првичните проценки, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.
При кражбата, сторителите насилно превртеле два големи електроенергетски трансформатори, секој тежок повеќе од 30 тони. Од нив било испуштено и истурено трансформаторското масло, а бакарните намотки и останатите вредни компоненти биле отстранети и украдени.
Од подстаницата биле одземени и бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и речиси сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање.
Поради направената штета, објектот е целосно нефункционален.
Од МЖ инфраструктура оценуваат дека станува збор за сериозен напад врз критичната
Оттаму апелираат до надлежните институции случајот итно и темелно да биде истражен, а сторителите, како и сите лица кои биле вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдената опрема, да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.
Веднаш по кражбата вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски одржал координативен состанок со директорот на МЖ транспорт и инфраструктура.
Министерот е уверен дека министерството за внатрешни работи брзо ќе ги открие сторителите на кражбата и тие ќе одговараат за предизвиканата штета. Му се заблагодари на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за, како што наведе, брзата реакција на полицијата.
Од МЖ инфраструктура оценуваат дека станува збор за сериозен напад врз критичната железничка инфраструктура и државниот имот.
Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај“, вели директорот Ивановски.
Игор Панов
