Европа

Над 300 илјади луѓе евакуирани поради катастрофалните пожари што беснеат во Франција и Шпанија

26.07.2026 12:32

Повеќе од 300 илјади луѓе се евакуирани поради катастрофалните пожари што беснеат во Франција и Шпанија. Огнената стихија зад себе остава жртви, уништени илјадници хектари земјиште и нови евакуации, додека пожарникарите и Армијата водат битка за ставање на пожарите под контрола…

Шумските пожари предизвикани од климатските промени и натаму беснеат низ југозападна Европа. Француските власти издадоа нови наредби за евакуација, додека пожарникарите во Шпанија се борат да спречат спојување на два големи пожари во близина на Мадрид. Пламените јазици однесоа еден човечки живот во Валенсија. Повеќе од 300.000 лица се евакуирани во двете земји. Има и повредени.

„Се евакуирам. Добив предупредување на телефонот синоќа. Спиев само два или три часа. Немам автомобил, морав да чекам автобус, но за жал не дојде“.

„Она што се случува сега е топлотен бран каков што никогаш не сме доживеале во Европа, но луѓето не размислуваат и едноставно продолжуваат да фрлаат отпушоци од цигари“.

„Мојот сопруг сака да си оди дома, но јас реков: Не е можно. Мора да почекаме додека не добиеме дозвола“.

За справување со пламенот ангажирани се и припадници на Армијата. Пожарникарите предупредуваат-ситуацијата е далеку од под контрола.

„Пожарот се шири веќе четири дена и тоа во зависност од правецот на ветерот. Ситуацијата не е поволна бидејќи пожарот сè уште не е локализиран, ниту во оваа област, ниту, претпоставувам, во другите. Ситуацијата воопшто не е под контрола, тоа мора да се разбере“, изјави Мајор Салем Маизи, пожарникар од Жиронда, Франција.

Иако пожарите во Франција и Шпанија се меѓу најразорните, со пожари се соочија и други делови од континентот, вклучувајќи ги Германија, Италија и Велика Британија. Се предвидува дека температурите ќе се зголемат оваа недела, особено во најпогодените региони.

 

Катерина Бојаџиева