По една недела криза, Гостивар е чекор поблиску до нормализација
Една недела по избивањето на епидемијата, Гостивар сè уште чека водата да стане употреблива. Владата тврди дека решението е на повидок, додека опозицијата бара одговорност за задоцнетата реакција и тврди дека довербата на граѓаните е сериозно нарушена …

По еднонеделната криза со водоснабдувањето во Гостивар – најдоцна до утре се очекува жителите да добијат технички исправна вода за користење. Стручни екипи од скопски водовод неколку дена вршат хиперхлорирање на главниот цевковод, резултатите од примероците вода се добри – изјави премиерот Мицкоски. Засега не е познато кога водата ќе биде безбедна и за пиење.
„Екипи од скопскиот водовод во Гостивар работат на хиперхлорирање на инсталацијата. Очекувам уште утре да се издаде соопштение дека водата е технички исправна за користење. Ова се санираше во рекорден рок од една недела“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата.
Од СДСМ пак велат – Владата нема кредибилитет кога најавува дека Гостивар ќе добие технички исправна вода. Според опозицијата, довербата е нарушена, откако министерот за здравство призна дека реакцијата за епидемијата во Гостивар била задоцнета, Бараат оставки од премиерот Мицкоски и од министерот Клековски, како и анализа на водата за пиење во целата држава.
„Признанието на Клековски не дојде од совест, дојде затоа што секој граѓанин со свои очи ја виде вистината, оваа власт им го загрози здравјето, ја отру државата. И сега кога конечно признаа кој ќе одговара за задоцнетите реакции, за задоцнетото здравје на граѓаните“, изјави Рената Младеновска – член на Извршниот одбор на СДСМ.
Премиерот Мицкоски возврати дека наместо конструктивен пристап, опозицијата изнесува неосновани обвинувања и шири непотребна паника кај граѓаните. Во меѓувреме обвинителството ја продолжува истрагата за епидемијата, засега осомничени се директорката на ЈП „Комуналец“ и двајца раководители во претпријатието.
Во Гостивар е прогласена епидемија, а во градот на сила е кризна состојба откако анализите покажаа присуство на фекални бактерии во водата што предизвикаа здравствени проблеми кај неколку илјади жители.
Андријана Ѓурческа
