ЦУК

Пожарот во парк-шумата Гази Баба ставен под контрола

26.07.2026 15:12

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека веднаш по пријавата, на терен биле испратени екипи на Скопската противпожарна бригада, кои со брза интервенција успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење...

Пожарот во парк-шумата Гази Баба, кој утринава предизвика густ чад видлив од повеќе делови на Скопје и ги вознемири граѓаните, е ставен под контрола. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека веднаш по пријавата, на терен биле испратени екипи на Скопската противпожарна бригада, кои со брза интервенција успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење. Надлежните велат дека во моментов нема опасност за околните населби, а пожарникарите остануваат на терен за целосно догасување на жариштата и за да се спречи повторно разгорување на огнот.

Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати и ќе бидат предмет на дополнителна истрага од надлежните служби. Граѓаните се повикуваат да не се движат во близина на опожареното подрачје додека траат активностите на терен.