ИЗИИС: Земјотресот да остане потсетник за да градиме отпорни градови
По повод одбележувањето на 26 јули – денот на катастрофалниот скопски земјотрес, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија со порака за сеќавањето на настанот што засекогаш го промени ликот на градот и го означи почетокот на современиот пристап кон сеизмичката безбедност во нашата држава.

„На тој ден ја научивме најтешката лекција, дека земјотресот трае само неколку секунди, но неговите последици можат да бидат далекусежни и да се чувствуваат со генерации. Од таа трагедија произлезе ИЗИИС кој низ годините образуваше генерации инженери и научници и даде значаен придонес кон побезбедното градење, намалувањето на ризиците од катастрофи и заштитата на човечките животи. Шест декади подоцна, можеме да се гордееме што Република Македонија располага со современ, целосно домашно развиен дигитален систем за регистрација на силни земјотреси и сеизмички мониторинг кој придонесува кон намалување на бројот на повредени и жртви при посилни земјотреси. Колку повеќе вложуваме во науката, превенцијата, квалитетното проектирање, одговорното градење и подготвеноста на институциите и граѓаните, толку помали ќе бидат последиците од идните земјотреси. Затоа, сеќавањето на 26 јули не треба да биде само поглед кон минатото, туку трајна обврска и потсетник дека човечкиот живот, безбедноста и отпорноста на нашите градови мора секогаш да бидат наш највисок приоритет“.