Штрајк на грчките цариници, се очекуваат големи гужви на граничните премини Богородица и Дојран
Зголемена фреквенција на возила има на ГП Богородица, времето на чекање е околу 30 минути. Дополнителен метеж може да се создаде и поради најавениот штрајк на царинските службеници на грчките гранични премини Евзон, Дојрани, Ники...

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Зголемена фреквенција на возила има на ГП Богородица, времето на чекање е околу 30 минути.
Дополнителен метеж може да се создаде и поради најавениот штрајк. МВР ги извести граѓаните дека согласно информациите добиени од надлежните органи на Р. Грција, на 27.07.2026 (понеделник) е најавен штрајк на царинските службеници на грчките гранични премини Евзони (Богородица), Дојрани (Дојран) и Ники (Меџитлија).
Во периодот од 05:00 до 09:00 часот по македонско време, на наведените гранични премини патничките возила ќе се пропуштаат на секои 10 минути додека товарниот сообраќај ќе биде целосно во прекин за влез и излез од Република Грција.)
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
