Блиски Исток

Американските сили објавија тридневна пауза на нападите врз Иран

27.07.2026 10:47

Американските сили објавија тридневна пауза на нападите врз Иран. Трамп вели и даваат шанса на дипломатијата, но предупреди дека се подготвени за повторни борбен активности доколку е потребно. И Техеран соопштува дека деновиве се водат разговори за прекин на огнот, но засега ништо не упатува дека ќе отстапи од клучната позиција...

Администрацијата на американскиот претседател објасни дека тридневната пауза по 13 дена интензивни воздушни напади, има за цел да создаде простор за дипломатија. Но, истовремено предупреди дека САД се „целосно подготвени“ за уште една можна ескалација. Амбасадорот Валц ја отфрли идејата дека залихите на пресретнувачи, клучни за одбрана од ирански напади, се намалуваат и вели дека Трамп сака да му даде шанса на дијалогот.

„Како што рече претседателот Трамп, ние сме целосно опремени. Но, тој им дава малку простор на разговорите. И Оман и Иран, како и голем број наши други преговарачи, беа ангажирани на секое ниво, од највисоките нивоа па сè до техничкото ниво во текот на изминатите неколку недели, а особено во последните неколку дена“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во Обединетите нации.

Техеран соопшти дека во последните денови бил домаќин на разговори со Оман, но, засега нема никакви знаци дека Исламската Република ќе ја промени својата клучна позиција, која беше причина за заострување на односите со САД-нејзиното инсистирање за контрола врз поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.

„Во текот на изминатите ноќи, Американците ги запреа своите напади. Бидејќи, како што реков, нашата стратегија беше фундаментално одмаздничка, ние ги запревме и нашите одмазднички операции“, изјави Мохамад Акраминија, портпарол на Армијата на Иран.

Потегот ги поттикна очекувањата дека тензиите на Блискиот Исток би можеле да се намалат, што веднаш се одрази врз енергетските пазари. Цените на нафтата забележаа остар пад. И покрај позитивната реакција на пазарите, неизвесноста останува. Бродскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, една од најважните рути за глобалната трговија со нафта, сè уште е значително под вообичаеното ниво, што укажува дека целосната нормализација на снабдувањето би можела да потрае.

 

Катерина Бојаџиева