Македонија

ЈП „Комуналец“ – Гостивар тврди дека проектот за водоснабдителниот систем, е реализиран со 98 проценти

27.07.2026 13:01

ЈП „Комуналец“ – Гостивар тврди дека проектот за водоснабдителниот систем, финансиран од швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања и од германската КФВ банка е реализиран со 98 проценти. За целосно операционализација и поврзување останале уште 600 метри од трасата. Оттаму порачуваат дека се отворени за целосна проверка на проектот за да се расчистат сите сомнежи.

98 проценти од предвидените работи за водоснабдителниот систем се реализирани, остануваат уште 600 метри од трасата, за кои се чека согласност од Јавното претпријатие за државни патишта за целосно поврзување на системот. Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар негира дека залудно биле фрлени пари за реновирање на водоснабдителниот систем. Иако оттаму признаваат дека и по 8 години од почетокот на проектот, делови од него се и натаму нефункционални, сепак, уверуваат дека не може да се каже оти проектот пропаднал.

„Околу 98 проценти од предвидените работи се реализирани и тестирани. За изведените активности постојат технички записи, извештаи и видеодокументација. Поради тоа, не е основано целиот проект да се прикажува како нереализиран или како инвестиција без резултат“, се вели во соопштението од ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Проектот вреден над 7 милиони евра е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања, Германската развојна банка и дел со пари од Општината и „Комуналец“. Од Јавното претпријатие како клучно, зошто проектот не е комплетиран ја посочуваат недобиената согласност од ЈПДП за преостанатите 600 метри.

„ЈП „Комуналец“ не ја оспорува потребата од целосна проверка. Напротив, претпријатието е подготвено на надлежните институции, ревизорските тела и истражните органи да им ја стави на располагање документацијата со која располага. Доколку постои сомневање за пропуст, неизвршена обврска или ненаменско трошење средства, тоа треба да се утврди во стручна и законска постапка, со прецизно утврдување на одговорноста на секој учесник во проектот“, се вели во соопштението од ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Поради тоа што проектот не е целосно комплетиран, градот и натаму се соочува со проблеми со притисокот во водоснабдителниот систем.

 

Игор Панов