Водата во Гостивар може да се користи како техничка, но не и за пиење и готвење
Почеток на крајот на маките на жителите на Гостивар. Анализите потврдија дека водата е безбедна, но само за техничка употреба – за одржување лична хигиена и миење садови. Забраната за пиење и приготвување храна останува. Сепак, охрабрува фактот што по процесот на хиперхлорирање и дезинфекција, последните земени примероци покажуваат дека во водоводната мрежа повеќе нема присуство на колиформни бактерии...

Потече исправна техничка вода од чешмите за гостиварчани. Може да се користи за капење, чистење и сè друго, но не и за пиење и за готвење, веста ја соопшти министерот Тошковски. За пиење ќе се доставува вода во шишиња.
За да се стигне до оваа фаза голем придонес дал скопски водовод со апаратура и вклученост на експерти, додаде Тошковски. Тој порача дека ниту на војската ниту на полицијата и е надлежност да ги чува водоводните системи за туку на институциите во општините и одговорноста е исклучиво нивна. Но, ова мора да биде случај за памет, никој да не се игра со здравјето и безбедноста на граѓаните, порача Тошковски
Експертите посочија дека после неколку дена земање мостри од водата од шест места е утврдено дека е санитарно и бактериолошки чиста како техничка вода. Гостиварчани сепак остануваат да почекаат за питка вода.
Крушевскиот случај не е од овие размери, предизвикан е поради прекин на електрична енергија во пумпите, тврди директорот на ДЗС, Ангелов.
Министерот Тошковски не можеше, како што рече, да сподели нови информации за текот на истрагата и контактите со обвинителството за гостиварскиот случај, ниту пак за резултатите од мострите земени од белата пена во реката Лепенец.
Фиљана Кока
