Собрание

Усвоен ребалансот на Буџетот

27.07.2026 18:55

На дневен ред во Собранието, Дополнетиот предлог за ребаланс на Буџетот, со амандманите што беа прифатени. Вкупните приходи се планирани на 6,17 милијарди евра, расходите на 6,92, со што дефицитот ќе изнесува 753 милиони евра, односно, 4,1 процент од БДП. Растот е проектиран на 3,5 проценти...

Економски раст од 3, 5 проценти се проектира со ребалансот на државниот буџет за годинава. Буџетскиот дефицит е проектиран на 753 милиони евра, односно, 4,1 процент од БДП.

Со ребалансот обезбедени се дополнителни средства за земјоделски субвенции, за субвенции во железничкиот сообраќај, за поддршка на спортот и за подобар стандард на учениците и студентите. Се обезбедуваат и дополнителни средства за ранливите категории на граѓани, односно за социјални надоместоци, здравствена заштита и народни кујни.

Ќе се обезбедат и повеќе средства за капитални инвестиции, информира министерката за финансии.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 6,17 милијарди евра, а расходите на 6,92 милијарди. Според власта, прекроената државна каса ќе овозоможи продолжување на економскиот раст. За опозицијата пак, тој не се базира врз здрава економска активност и го продлабочува долгот.

Претходно беа усвоени и амандманите за обезбедување дополнителни средства за жените кои вршат земјоделска дејност, како и за воспоставување на национална сос линија и два згрижувачки центри за жртвите на семејно и родово насилство.

 

Марија Котовска