Гостивар

Добивањето техничка вода, олеснување на секојдневието на жителите на Гостивар

27.07.2026 20:29

Почеток на крајот на маките на жителите на Гостивар. По десетдневната голгота, анализите конечно потврдија дека водата е безбедна, но само за техничка употреба. Забраната за пиење и приготвување храна останува...

Нивото на личната хигиена во Гостивар ќе биде повисоко, водата може да се користи за капење, како и за миење садови. Ризикот од жолтица е намален.

Анализите покажаа дека водата во Гостивар е за техничка употреба, но не смее да се користи за пиење и приготвување храна. Гостиварци велат дури и кога ќе им кажат дека водата може да се користи за пиење ќе подразмислат.

Над 4.000 граѓани имаат проблеми со дијареа, повраќање, температура. Велат не можат да го фатат редот кога водата е за пиење, кога не, па така настана превидот кога на 17 јули водата беше забранета за пиење, а на некои граѓани им требаше време да престанат да ја користат.

Лекарите велат освен водата од градскиот водовод, граѓаните пијат вода од бунари и јавни чешми кои не се испитуваат. Затоа не само од Гостивар, и од околината имаше пациенти во болницата, здравствениот дом, матичните лекари. Доктор Зендели вели, кризата помина. Стручни лица од Скопскиот водовод секојдневно им помагаат на колегите од гостиварски Комуналец, безбедноста на водата за пиење мора да се одржува во континуитет, велат од локалниот кризен штаб.

Во Гостивар на 19 јули беше прогласена епидемија на заразна болест. Два дена подоцна Владата прогласи кризна состојба за полесно менаџирање на состојбата во општината кога водата не смееше да се користи за никаква употреба поради зголемено присуство на фекални бактерии.

Наташа Јанчиќ Менковски