ЈП „Комуналец“ - Гостивар: Реализирани 98% од проектот за водоводот
98 проценти од предвидените работи за водоснабдителниот систем се реализирани, остануваат уште 600 метри од трасата, за кои се чека согласност од Јавното претпријатие за државни патишта за целосно поврзување на системот. Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар негира дека залудно биле фрлени пари за реновирање на водоснабдителниот систем...

98 проценти од предвидените работи за водоснабдителниот систем се реализирани, остануваат уште 600 метри од трасата, за кои се чека согласност од Јавното претпријатие за државни патишта за целосно поврзување на системот. Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар негира дека залудно биле фрлени пари за реновирање на водоснабдителниот систем.
„Околу 98 проценти од предвидените работи се реализирани и тестирани. За изведените активности постојат технички записи, извештаи и видеодокументација. Поради тоа, не е основано целиот проект да се прикажува како нереализиран или како инвестиција без резултат“, се вели во соопштението од ЈП „Комуналец“ – Гостивар.
Иако оттаму признаваат дека и по 8 години од почетокот на проектот, делови од него се и натаму нефункционални, сепак, уверуваат дека не може да се каже оти проектот пропаднал.
„ЈП „Комуналец“ не ја оспорува потребата од целосна проверка. Напротив, претпријатието е подготвено на надлежните институции, ревизорските тела и истражните органи да им ја стави на располагање документацијата со која располага. Доколку постои сомневање за пропуст, неизвршена обврска или ненаменско трошење средства, тоа треба да се утврди во стручна и законска постапка, со прецизно утврдување на одговорноста на секој учесник во проектот“, соопштија од ЈП „Комуналец“ – Гостивар.
Проектот вреден над 7 милиони евра е финансиран од швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања, германската развојна банка и дел со пари од општината и „комуналец“. Од Јавното претпријатие како клучно, зошто проектот не е комплетиран ја посочуваат недобиената согласност од ЈПДП за преостанатите 600 метри.
„Точно е дека во февруари 2024 година општина Гостивар има доставено барање за водоводна мрежа, за којашто од страна на ЈПДП е изготвена и испратена пресметка за уплата на 16.588 денари, за која општина Гостивар не извршила уплата и ова е причината поради која не е реализирано одобрувањето. Потоа има доставено барање за цевковод за водоснабдување, но општината нема доставено техничка документација за добивање на дозвола“, соопштија од Јавно претпријатие за државни патишта.
Поради тоа што проектот не е целосно комплетиран, градот и натаму се соочува со проблеми со притисокот во водоснабдителниот систем.
Игор Панов
