Околу 40 коњаници тргнаа на пат кон востаничко Крушево
Околу 40 коњаници, меѓу кои и пет девојки попладнево, од дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче тргнаа на пат кон востаничко Крушево. Почна 48. Илинденски марш...

Ударите на тапаните го најавуваат патот. Потковиците одѕвонуваат како потсетник на едно време кога за слободата се плаќало со живот. Речиси половина век подоцна, традицијата продолжува. Со знамето високо кренато и со поглед вперен кон Крушево, коњаниците повторно тргнуваат по патот на Илинденците. Од Горно Лисиче и годинава започнува Илинденскиот марш. Околу 40 коњаници ќе минат десетици километри до Крушево, носејќи ја пораката дека традицијата и споменот за Илинденците не смеат да згаснат.
Во присуство на бројни граѓани, семејства и љубители на традицијата, коњаниците ги прават последните подготовки пред поаѓањето. Меѓу нив има и млади учесници, но и искусни коњаници кои со години се дел од маршот. Велат, патот е долг и напорен, но чувството да се стигне во Крушево на Илинден е непроценливо. Традицијата што трае речиси 5 децении продолжува да ги обединува генерациите.
Нивниот марш не е само патување, туку живо сведоштво за љубовта кон Македонија и почитта кон делото на Илинденците, рече градоначалникот на Аеродром Митески кој им го предаде знамето на Општина Аеродром како симбол на поддршка и почит.
На 31-ви јули коњаниците ќе им се придружат на останатите учесници од повеќе градови, а заедничката цел е една – достоинствено да се одбележи Илинден и да се оддаде почит на хероите кои се вградија во темелите на македонската држава.
Коњаниците не тргнуваат само на пат кон Крушево туку и по патеката на историјата. Со секој чекор на коњите оживува споменот за Илинденци.
Ана Јосифоска
