Нов топлотен бран и се заканува на Европа
Европа се соочува со незапаметени пожари во момент кога на континентот му се заканува нов топлотен бран со температура над 40 Целзиусови степени. Над 300 илјади луѓе се евакуирани од Франција и од Шпанија. Француските власти се соочуваат со редок и исклучително опасен феномен – таканаречени „огнени облаци“. Европската комисија оцени дека се потребни дополнителни ресурси и подобро управување со шумите…

Западна Европа се подготвува за нов топлотен бран со температура над 40 Целзиусови степени. Издадено е предупредување за екстремен ризик од пожари, во момент кога Франција и Шпанија се зафатени од огнени стихии. 220 илјади луѓе евакуирани во Франција, најкритична останува областа Жиронд, југозападно од Бордо каде што изгореа над 200 куќи. Градоначалникот вели дека се подготвени на секакво сценарио, откако пламените јазици стигнаа на 15 км од градот. Според властите дел од пожарите се намерно подметнат, а од 6 јули се извршени 162 апсења.
„Распоредени се сите достапни ресурси. Пожарникари од цела Франција се на терен, со околу 20 противпожарни оперативни групи, невидени воздушни ресурси и распоредени повеќе од 1500 воени лица. Ќе продолжиме. Во текот на изминатите неколку дена се ископани и зајакнати противпожарни зони, а работата продолжува за да се запре напредувањето на пожарот“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Француските пожарникари за првпат се соочуваат со редок и исклучително опасен феномен – таканаречените „огнени облаци“, кои создаваат ветер, молњи и можат да предизвикаат нови пожари. Овие облаци се формираат кога екстремно силен пожар создава огромен столб од врел воздух.
„Постои ризик пожарот повторно да избувне во областите што не беа изгорени. Но тоа не е сè. Постои општ ризик од шумски пожари поради зголемувањето на температурите што ги прогнозира метеоролошката служба за наредните денови. Затоа остануваме будни“, изјави Матие Жомен, портпарол на пожарникарите од Жиронд.
Во Шпанија во сила е национална вонредна состојба, а досега се евакуирани или привремено раселени речиси 100 илјади луѓе. Според полициски извештаи, можеби најголемиот шумски пожар во шпанската историја, кој ги зафати областите во близина на Мадрид, бил предизвикан од неовластена употреба на тешка механизација во шумска област.
„Треба да ја слушаме науката, треба да имаме широка национална обврска поврзана со климатската криза бидејќи треба да се фокусираме на превенција. Со тоа реакцијата ќе биде помалку сериозна од она што го претрпевме сега и изградбата и закрепнувањето ќе можат да бидат многу побрзи и соодветни на предизвикот што го имаме со оваа климатска криза“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Преку механизмот за цивилна заштита Унијата мобилизираше помош за погодените подрачја. Во акцијата учествуваат Чешка, Хрватска, Германија, Португалија, Словачка, Шведска, Турција, Грција, Италија. Од Европската комисија оценија дека се потребни дополнителни ресурси и подобро управување со шумите. Експертите алармираат, климатските промени ги зголемуваат температурите низ светот, а Европа е континентот што се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек.
Маријана Димовска
