ДЗР

Ревизијата покажа низа неправилности во работењето на Комисијата за заштита на конкуренцијата

28.07.2026 14:08

Неусогласена материјална и сметководствена евиденција, неосигурен имот, спорни тендери, пропусти во евиденцијата за предмети во кои се изречени глоби, слабости во јавни набавки. Антимонополската комисија во 2024-та немала ниту евиденција за присуство на вработени, не работела ниту во полн состави – констатирале ревизорите.

Наместо заштита, Комисијата за заштита на конкуренцијата ја ограничувала конкуренцијата на пазарот. При набавката на три мобилни телефони, напишала спецификација која директно асоцирала на еден конкретен производител, додека кај набавката за такси-превоз не бил опишан начинот на бодување, утврдиле ревизорите. Државниот завод за ревизија посочува дека биле утврдени низа неправилности.

„Институцијата со години наназад не воспоставила единствен систем за следење на предметите по кои се изрекуваат парични казни, што отвора сериозен ризик од нивно застарување“ стои во дел од ревизорските наоди.

Комисијата за заштита на конкуренцијата воопшто ги нема осигурено своите деловни простории, опремата и благајната, со што директно го прекршила Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост.

„Материјалната и сметководствената евиденција не се усогласени поради отсуство на вредносни показатели во пописните листи, комисијата нема преземено мерки за заштита на имотот преку осигурување, отсуство на единствена евиденција на предмети за кои се изречени глоби, слабости во содржината на тендерска документација и техничка спецификација во дел од постапките за јавни набавки“- се вели во извештајот на ДЗР.

Под детална лупа на ревизорите биле сите четири постапки за јавни набавки спроведени во текот на 2024 година во вкупна вредност од 1,18 милиони денари. Кај половина од нив се констатирани флагрантни кршења на законот.

Реакција од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ревизијата се однесува на работењето на претходниот состав во текот на 2024 година. Актуелниот состав на комисијата, по преземањето на функцијата, затекна голем број нерешени предмети, дел од нив почнати уште во 2017-та.

Во 2024-та биле донесени само 3 решенија со изречени глоби од близу 2 милиони денари, додека во 2025-та се донесени 31 решение, со изречени глоби од над 56 милиони денари. Речиси 111 милиони денари се од правосилни и извршни решенија, соопштуваат од комисијата.

Фиљана Кока