Зеленски во САД на средба со Трамп
Украина повторно во фокусот на светската дипломатија. Претседателот Зеленски пристигна во САД на средби со Трамп и американски претставници, со акцент на зајакнување на воздушната одбрана и стратешкото партнерство. Во исто време, Советот за безбедност на ОН расправаше за ескалацијата на нападите, додека Москва и Киев испратија спротивставени пораки за иднината на војната.

Украинскиот претседател пристигна во САД, каде е предвидено да одржи серија средби со американскиот колега Трамп, членови на неговата администрација и претставници кои ја поддржуваат Украина. Според зеленски, главен приоритет на посетата е зајакнување на капацитетите за воздушна одбрана за да можат да се спротивстават на руските напади, како и унапредувањето на стратешкото партнерство меѓу Киев и Вашингтон.
Во меѓувреме Советот за безбедност на Обединетите нации дебатираше за Украина, по нападите на 18 и 19 јули, за кои Киев вели дека биле едни од најголемите од почетокот на војната. На седницата беше истакнато дека руските напади дополнително го загрозуваат глобалното снабдување со храна и енергија.
„Повеќе од четири години, војната во Украина ги наруши глобалните резерви на енергија и храна. Бидејќи Украина влезе во нова сезона на жетва, ескалацијата на руските напади врз пристаништа и товарни бродови во последните недели повторно предизвикува тревога за пошироките регионални и глобални влијанија од оваа војна“, изјави Кајоко Готох, директор за Европа и централна Азија, Оддел за политички и мировни работи и мировни операции.
Амбасадорите на завојуваните страни си разменија обвинувања. Рускиот дипломат истакна дека Москва нема да го промени курсот во војната, ниту ќе потпише никакви договори што не ги задоволуваат нејзините потреби. Украинскиот пак, упати порака до партнерите да вложат максимални напори за сеопфатен, праведен и траен мир.
„Сакаме да нагласиме дека Русија не ги променила своите планови и ќе продолжи да одговара на непријателствата што ги започна режимот во Киев со поддршка на западот против нас. Нема да се согласиме на никакви договори што не ги земаат предвид националните интереси на Русија“, изјави Ана Евстињеева , заменик-постојан претставник на Русија во ОН.
„Ги повикуваме нашите партнери да ги вложат сите напори во реални чекори што ќе го вратат сеопфатниот, праведен и траен мир. Ова бара зголемена поддршка за Украина, зајакнување на притисокот врз Русија и понатамошно слабеење на нејзините воени капацитети. Време е за акција, а не за размислувања“, изјави Володимир Павличенко, заменик-постојан претставник на Украина во ОН.
Вкупно 19 лица, вклучувајќи седум деца, се повредени во последните 24 часа од руските напади врз регионот суми. Со речиси 400 дронови нападнат регионот на Москва. Поголемиот дел од украинските беспилотни летала биле пресретнати на поголема далечина, а над 80 биле соборени во близина на руската престолнина.
Катерина Бојаџиева
