Свет

Продолжува потрагата по преживеани по земјотресот во Јапонија

29.07.2026 14:22

Јапонските власти се во трка со времето во потрагата под урнатините, по силниот земјотрес од 7,1 степен по Рихтер. Над 4 600 војници се испратени во поодените подрачја како поддршка на спасувачките тимови. Властите ги предупредија жителите од можни афтершокови во наредната недела, како и за ризикот од лизгање на земјиштето.

Потрагата по преживеани продолжува по силниот земјотрес од 7.1 степен по Рихтер што ја погоди префектурата Кумамото, на јужниот главен остров Кјушу, југозападна Јапонија. Спасувачите се во трка со времето, се пребаруваат урнатините на неколку локации. Властите нотираат десетици жртви и повредени, се стравува дека бројот може да се зголемува.

„Има луѓе кои сè уште чекаат помош и тоа е трка со времето. Ќе направиме се што можеме за да пронајдеме и спасиме што е можно повеќе луѓе“, изјави Санае Такаичи, премиерка на Јапонија.

Припадници на Јапонските одбранбени сили им се придружија на спасувачите во операциите за пребарување и спасување во тешко оштетениот трговски центар во градот Кашима, како и во разурнатата фабрика. Во блискиот град Јацуширо, меѓу најтешко погодените области, многу домови се оштетени, а има и неколку урнати згради. Дел од мост се урна во реката Кумагава.

„Бев во канцеларијата на осмиот кат и почувствував опасност. Бев шокирана кога видов дека се е урнато“, вели еден локален жител.

„Бев на третиот кат од зграда и потресите беа силни и продолжија долго време. Дојдов надвор од префектурата Кумамото и требаше да се вратам денес“, вели друг.

Властите ги предупредија жителите во областите што ги почувствуваа најголемите потреси да бидат во состојба на готовност за понатамошни силни потреси околу една недела, како и за ризикот од лизгање на земјиштето.

„Ако ја погледнеме енергијата ослободена во овие земјотреси и ја погледнеме скалата на моментална магнитуда, што е модерното име за Рихтеровата скала. Ако одите од шест степени на седум, всушност се ослободува 30 пати повеќе енергија. 7,1 наспроти 7,6, има голема разлика. И тоа е во однос на тресењето на земјата, но и на времетраењето. Поголемите земјотреси траат подолго, а исто така имаат и поголем отпечаток. Се чувствуваат на поширока површина бидејќи областа на лизгање е еден од клучните фактори што придонесуваат за вкупната енергија што се ослободува“, изјави Рамон Ароусмит, државен универзитет Аризона.

Агенцијата за управување со пожари и катастрофи соопшти дека повеќе од 260.000 луѓе биле советувани да се евакуираат, повеќето од нив во префектурата Кумамото, но и во соседната префектура Нагасаки.

Маријана Димовска