Анкета на ИРИ: ВМРО ДПМНЕ со убедлива предност пред СДСМ

26.09.2014 17:01

Доколку утре би се одржале парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 29 насто од гласовите, опозицискиот СДСМ 10 , ДУИ 13 проценти, а ДПА 3 насто, покажува најновата анкета на Републиканскиот институт.

Премиерот Никола Груевски ужива убедливо најголема доверба меѓу граѓаните, односно 22 насто, потоа следуваат Али Ахмети со 9, Зоран Заев со 4 проценти, Претседателот Ѓорге Иванов  и екс лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски со 3, а под дванасто рејтинг имаат Мендух Тачи, Руфи Османи и Радмила Шекеринска, додека претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски има рејтинг од само 1 процент.

Ваквите рејтинзи се очекувани, што ги потврдија и последните парламентарни избори, велат експертите. Според Божиновски ова е јасен показател дека СДСМ треба да го менува курсот во политичкото дејствување.

„Преку политика на бојкот, што се покажа не само сега туку се покажа и пред две години, односно пред годинаипол  кога повторно се одеше на некаков бојкот во случајот тогаш беа локални избори, значи дека политиката на бојкот едноставно не успева, тоа не може да ги привлече граѓаните да гласаат за некоја од политичките опции“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.

Анкетираните ги оценувале политичките субјекти и со оценки што се користат во училиште.Од 1 до 5, Владата добила 2,71,  Претседателот Иванов 2.8, додека опозиција 1,99.

72 насто од испитаниците одговориле дека на избори нема притисок, 15 дека имало, а 7 проценти одговориле дека почувствувале личен притисок.

За граѓаните според анкетата на ИРИ, најважно прашање во надворешната политика на Република Македонија, е признавање на името. 25 насто мислат дека тоа е почнувањето на преговори  и интеграцијата во Европската Унија, 22 проценти се решиле за зголемување на странските инвестици, 11 проценти сметаат дека тоа е членство во НАТО, а 8 проценти, односите со соседите ги сметаат како најважни.

Истражувањето е на правено од 29 август до 5-ти септември на репрезентативен примерок од 1101 испитаник во целата држава.

Милчо Велески